Инвестирање: Познавај се себеси

Секој потенцијален вложувач би можел многу да научи од познатата максима, испишана на Храмот на богот Аполон во Делфи: “Познавај се себеси”. Во контекст на инвестирањето, мудрите зборови на пророкот нагласуваат дека успехот во оваа работа зависи од нашето лично уверување дека избраната стратегија на вложување ни се вклопува во карактерните особености.
 
Иако се чини дека сите инвеститори имаат иста цел – да направат пари, секој од нив има свои различни потреби. Следствено на тоа, специфични инвестициски алатки и методи се соодветни за конкретен тип на вложувачи.  И покрај тоа што постојат многу фактори кои одредуваат каков начин на вложување да се одбере, ние би се задржале на две категории кои ги сметаме за клучни: Инвестициските цели и Карактерните црти.

Инвестициски цели

Општо земено, постојат неколку фактори кои вложувачите треба да ги земат предвид, пред да одлучат каде да ги пласираат своите пари. Сигурноста на влогот, тековните примања и очекуваниот принос, се фактори коишто треба да влијаат врз одлуката како и каде да се вложува, а тие од своја страна се предодредени од возраста на поединецот, животна фаза во која тој/таа се наоѓа, работната позиција,  како и индивидуалните  околности.

На пример, 75 годишна вдовица која ја користи својата пензиска заштеда за подмирување на животнити потреби, би била далеку позаинтересирана за задржување на вредноста на главницата од еден млад 30 годишен менаџер. Бидејќи таа преживува од каматата која ја добива за својот влог, не може да си дозволи да ризикува со загуба на дел од него. Спротивно на неа, младиот менаџер го има времето за свој сојузник. Тој може да одбере поагресивна вложувачка стратегија со потенцијал за поголема заработка, затоа што останатите приходи кои ги остварува му ги „плаќаат сметките“.

Тековната финансиска состојба, исто така има големо влијание врз поставените цели. Целите на еден богат бизнисмен во никој случај не можат да бидат еднакви со целите на млад брачен пар, кој тукушто го започнува заедничкиот живот. Бизнисменот можеби без проблем би вложил 100.000 евра во акции на берза, во обид да го зголеми својот профит за таа година. За него, „стотчето“ најверојатно е само мал дел од вкупното богатство кое го поседува. Истовремено, младиот брачен пар, кој секој месец се бори со отплата на ратата за новиот стан, не може да си игра со своите заштеди. Без оглед на потенцијалот за добивка од поризичното вложување, тоа едноставно не е соодветно за нив.

Во правилата на игра со парите, постои едно општоприфатено правило кое вели дека колку е пократко времето што го имате на располагање, толку поконзервативни треба да бидете при вложувањето.  За илустрација, ако вложувате за повисока пензија и се наоѓате во Вашите „доцни дваесетти“ години, имате повеќе од доволно време да ја надополните секоја потенцијална загуба. Дополнително, доколку сте започнале да вложувате додека сеуште сте млади, нема потреба да тргате настрана голем дел од Вашата плата, затоа што моќта на каматно-каматниот ефект работи за Вас низ времето.

Oд друга страна, доколку Ви се наближуваат пензионерските денови, многу е важно да ја задржите вредноста на заштедата што сте ја акумулирале низ годините, односно да ја зголемувате по малку, но сигурно. Бидејќи наскоро ќе почнете да ги повлекувате тие средства, сигурно не би сакале да ризикувате загуба на дел од заштедата поради крах на берзите токму во моментот кога парите Ви се најпотребни.

Карактерни црти

Каков е твојот животен стил? Љубител ли си на брзи автомобили и екстремни спортови? Те возбудува ли ризикот  или пак преферираш да си читаш некоја добра книга, уживајќи во спокојството и безбедноста кои ги нуди твојот топол дом?

Питер Линч, еден од најголемите инвеститори на сите времиња, има кажано дека “клучен орган при вложувањето е стомакот, а не мозокот”. Со други зборови, треба да сте свесни колкаво намалување во вредноста на вложените средства сте подготвени да прифатите. Утврдувањето на личниот степен на толеранција кон ризикот е тешко да се постигне прку некој научен метод. Затоа, попрактично би било одговорот да го побарате во старата ивестициска пословица, која вели: “Ќе сфатиш дека си презел преголем ризик, доколку ноќе немирно спиеш, поради грижата за вредноста на вложените пари”.

Друга карактерна особина, која влијае врз изборот на Вашиот стил на вложување е интересот за анализа на потенцијалните инвестиции. За некои луѓе „копањето по финансиски извештаи“ и играта со бројките претставуваат вистинска возбуда. За други пак, читањето на биланси на успех, биланси на состојба и анализи за вреднувањата на поединечните акции е забавно колку и требењето на зрна ориз. Најголемиот дел од луѓето воопшто и немаат време навлезат подлабоко во суштината на објавените проспекти и финансиските извештаи.

Резиме: Толеранција кон ризикот

Од досега кажаното, веројатно Ви е веќе јасно дека главниот елемент кој одредува што најдобро за еден инвеститор е неговиот капацитет за преземање на ризик.
Веќе споменавме неколку клучни фактори кои ја одредуваат толеранцијата кон ризикот, но важно е да се запомни дека секој поединец си има своја специфична ситуација, па поради тоа наведеното дотука не претставува сеопфатна листа на карактеристики по кои инвеститорите се разликуваат еден од друг. Она што е битно да се запомни од овој дел е дека за различни луѓе постои различна понуда на вложувачки производи. Имајте го тоа наум при читањето на следните поглавја од оваа наша  рубрика.


Превземено: КД Фондови

Reactions:

0 comments:

Post a Comment

 

Pratete ne na Facebook!