Што е тоа вложување?


 
Вложување; Англиски: Investing - Чинот на пласирање на капиталот во некој бизнис, со очекување да се постигне дополнителна заработка или профит.
 
Ова всушност е прилично едноставен концепт: Вложувањето означува ангажирање на Вашите пари на начин кој ќе овозможи тие да работат за Вас. Во основа, тоа е еден поинаков начин на размислување како да се заработат пари. Додека растевме, мнозинството од нас бевме воспитувани дека единствен начин за заработка на пари е вработувањето и добивањето на плата за извршената работа. За волја на вистината, речиси сите го следиме овој пример. Но, тука постои еден голем проблем: доколку сакаме да заработиме повеќе пари, треба да работиме повеќе часови. Покрај тоа, лимитирани сме во однос на бројот на часови кои можеме да ги изработиме во текот на еден работен ден, а да не споменуваме дека и поседувањето на купишта пари не би било многу забавно, доколку немаме слободно време за да уживаме во нив.

Да се клонираме самите себе, со цел да изработиме повеќе работни часови е сеуште невозможно, па оттаму, попаметно би било да ги пуштиме парите да поработат малку наместо да спијат во паричникот или на банкарската сметка. И така, додека си ги изработувате задолжителните работни часови, спиете, си читате вести или пак се дружите со пријателите, можете да си заработувате пари и од друго место. Многу е просто - доколку ги натерате парите да поработат за Вас, ќе си ги зголемите шансите за дополнителна заработка, без разлика дали во меѓувреме ќе добиете покачување на платата, ќе работите прекувремено или ќе си барате нова, подобро платена работа.

Постојат повеќе различни начини да се направи вложување. Тука, од многуте опции, како најдостапни би можеле да ги издвоиме купувањето на акции, обврзници или удели од инвестициски фонд, стекнувањето на недвижен имот, или пак, започнувањето на сопствен бизнис. Понекогаш, овие постоечки можности помеѓу стручната фела се нарекуваат “инвестициски алатки”, што е само уште еден поинаков израз за “начини на вложување”. Секоја од понудените алатки си има свои позитивни и негативни страни, за коишто ќе дискутираме подоцна во оваа рубрика. Најбитно од сѐ е да запомниме дека без разлика на избраниот начин на вложување, поентата е парите да се стават во функција на заработка на дополнителни пари. Иако се чини едноставно на прв поглед, сепак тоа е најважниот концепт кој треба да се разбере.

Што не е вложувањето?

Вложувањето не е обложување. Обложувањето претставува ризикување на одредена сума пари, со надеж да се заработи поголема. Ризикот е да се загуби целата сума, доколку не се исполнат условите за добивка. Ваквиот ризик не е карактеристичен за осмисленото вложување.

Прав инвеститор никогаш не би ги расфрлал своите пари. Тој носи одлука за вложување на основа на темелни анализи и консултации и со разумни очекувања во однос на потенцијалната заработка. Да, точно е дека гаранција нема за ништо и ризикот секогаш постои, но вложувањето е многу повеќе од просто надевање дека среќата овој пат нема да ни го сврти грбот.

Зошто би се заморувале со вложување воопшто?

Неспорен факт е дека сите сакаме повеќе пари. Прилично е лесно да се разбере доколку луѓето би вложувале за да креираат заштеда со која би си ги дозволиле нештата кои ги посакуваат или за да се чувствуваат посигурни во однос на иднината.

Меѓутоа, вложувањето сѐ повеќе станува потреба, а не личен избор. Времињата кога вработените го минуваа целиот работен век во една фирма или институција, а потоа примаа пензија која им овозможуваше достоинствен живот, одамна си заминаа. За сите кои денес работиме и ги заработуваме приходите на месечно ниво, постепеното и редовно вложување е можеби единствениот начин да го задржиме нивото на животниот стандард и по пензионирањето.

Без разлика дали живеете во САД, Германија или Македонија, кога е во прашање планирањето на пензијата, топката се префрла од државата кон поединецот. Актуелни се бројни дебати околу тоа дали постоечкиот пензиски систем е одржлив и ќе може да исплаќа пензии после 20, 30 или 50 години. Кога веќе упатените во проблематиката отворено предупредуваат, зошто ние да седиме со скрстени раце и да чекаме што ќе ни се случи? Со добра подготовка и навремено планирање, благосостојбата во пензионерските денови е реално достижна.

Сега, кога добивте генерална претстава за тоа што претставува вложувањето и зошто треба да го практикувате, време е да научите како истото ќе Ви помогне како да извлечете корист од едно од чудата на математиката – Каматно-каматниот ефект.

Превземено: КД Фондови

Reactions:
 

Pratete ne na Facebook!