Пораст во функционирање на осигурителниот сектор



Пораст во сите сегменти на функционирање на осигурителниот сектор е остварен во првата половина од 2015 година. Позитивен тренд има и во осигурувањето на живот и во неживотно осигурување, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување.
 
Тоа, според претседателот на Агенцијата Климе Попоски, укажува дека постои висок степен на стабилност на осигурителниот сектор што претставува гаранција дека друштвата за осигурување имаат доволни финансиски средства да ги сервисираат преземените обврски во делот на исплата на штети.

Зоран Стојаноски, член на Агенцијата за супервизија на осигурување на денешната прес-конференција информира дека до крајот на јуни остварена била бруто полисирана премија (БПП) во износ од 4,31 милијарди денари или пораст на приходите од 8,36 отсто во однос на истиот период лани.
– Во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на приходите за 19,96 проценти, при што остварената БПП изнесува 461,66 милиони денари. Во истиот период минатата година изнесуваше 384,84 милиони денари. Оваа висока стапка на пораст на осигурувањето на живот е една од највисоките стапки на пораст споредено со сите земји во Европа, рече Стојаноски.

Во делот за неживотно осигурување остварена е БПП од 3,85 милијарди денари, односно пораст на приходите од 7,11 отсто во споредба со првите шест месеци од 2014 година.
– Овој висок пораст во делот на неживотното осигурување се должи пред се на порастот на осигурувањето на имот од 19,50 отсто со БПП 1,14 милијарди денари, осигурувањето од незгода од 6,36 проценти со БПП 350,27 милиони денари и осигурувањето од туристичка помош од 12,18 проценти со БПП 86,81 милиони денари, истакна Стојаноски.
Според него, влијание има и порастот во делот на автоодговорност и тоа 3,91 процент со БПП 1,69 милијарди денари.

Во делот на осигурувањето на сопствени моторни возила, односно каско осигурување првпат по пет години опаѓање, се забележува мал пораст од 0,44 отсто или 348,58 милиони денари. Годинава се забележува пораст од 60,87 отсто на остварената БПП за земјоделско осигурување која изнесува 169,01 милиони денари, а истиот период лани беше 105,06 милиони денари, додаде Стојаноски.

Друштвата за осигурување во првата половина од 2015 година исплатиле бруто-износ на штети од 1,58 милијарди денари. Бруто исплатените штети бележат пораст од 12,79 проценти во споредба со првата половина од 2014 година, кога биле исплатени 1,40 милиони денари.

Агенцијата за супервизија на осигурување очекува дека порастот на БПП ќе се задржи до крајот на 2015 година во двата сегменти на неживотно осигурување и во делот на осигурувањето на живот.
– Стабилноста ќе се одржува на високо ниво, при што друштвата за осигурување ќе бележат позитивни финансиски резултати. Во сегментот на осигурување на живот очекуваме дека ќе продолжи динамичкиот двоцифрен раст и во 2015 година. Со поактивното вклучување на банките како алтернативен канал за дистрибуција на овие продукти и нивно поврзување со банкарските продукти претставува еден од предизвиците за развој на осигурувањето на живот, истакна претседателот на Агенцијата Попоски.

На пазарот на осигурување, според него, постојат три банки кои делуваат како застапник во осигурување. Најави дека во делот на осигурување на живот се воведува нов продукт, меѓународно познат како јунит линк осигурување, односно осигурување на живот кога инвестициониот ризик е на товар на осигуреникот. Значаен фактор за долгорочната перспектива за развојот на осигурувањето на живот, смета дека претставува монетарната и фискалната стабилност на државата, но и се поголемиот степен на финансиска едукација на граѓаните.

Во сегментот на неживотно осигурување силно влијание на страната на побарувачката имаат странските директни инвестиции и отворањето нови фабрики, како и големите инфраструктурни проекти во делот на изградба на автопати кои ќе ја зголемат продажбата на имотно, менаџерско и колективно осигурување од незгода, осигурување од прекин на работниот процес, одговорност спрема трети лица, дополнително здравствено осигурување на вработените, транспортно осигурување. Земјоделското осигурување ќе има силен раст, а очекуваме дека доброволното здравствено осигурување ќе добива во интензитет, рече Попоски.

На пазарот на осигурување во Македонија активно работат 15 друштва за осигурување, од кои 11 вршат работи на неживотно осигурување, а четири осигурување на живот. На пазарот на осигурување делуваат и 30 осигурително брокерски друштва, 11 друштва за застапување, три деловни банки кои делуваат како застапници во осигурување, 412 лиценцирани брокери и 950 лиценцирани застапници во осигурување.

Reactions:

0 comments:

Post a Comment

 

Pratete ne na Facebook!