Инвестирање: Познавај се себеси

Секој потенцијален вложувач би можел многу да научи од познатата максима, испишана на Храмот на богот Аполон во Делфи: “Познавај се себеси”. Во контекст на инвестирањето, мудрите зборови на пророкот нагласуваат дека успехот во оваа работа зависи од нашето лично уверување дека избраната стратегија на вложување ни се вклопува во карактерните особености.
 
Иако се чини дека сите инвеститори имаат иста цел – да направат пари, секој од нив има свои различни потреби. Следствено на тоа, специфични инвестициски алатки и методи се соодветни за конкретен тип на вложувачи.  И покрај тоа што постојат многу фактори кои одредуваат каков начин на вложување да се одбере, ние би се задржале на две категории кои ги сметаме за клучни: Инвестициските цели и Карактерните црти.

Инвестициски цели

Општо земено, постојат неколку фактори кои вложувачите треба да ги земат предвид, пред да одлучат каде да ги пласираат своите пари. Сигурноста на влогот, тековните примања и очекуваниот принос, се фактори коишто треба да влијаат врз одлуката како и каде да се вложува, а тие од своја страна се предодредени од возраста на поединецот, животна фаза во која тој/таа се наоѓа, работната позиција,  како и индивидуалните  околности.

На пример, 75 годишна вдовица која ја користи својата пензиска заштеда за подмирување на животнити потреби, би била далеку позаинтересирана за задржување на вредноста на главницата од еден млад 30 годишен менаџер. Бидејќи таа преживува од каматата која ја добива за својот влог, не може да си дозволи да ризикува со загуба на дел од него. Спротивно на неа, младиот менаџер го има времето за свој сојузник. Тој може да одбере поагресивна вложувачка стратегија со потенцијал за поголема заработка, затоа што останатите приходи кои ги остварува му ги „плаќаат сметките“.

Тековната финансиска состојба, исто така има големо влијание врз поставените цели. Целите на еден богат бизнисмен во никој случај не можат да бидат еднакви со целите на млад брачен пар, кој тукушто го започнува заедничкиот живот. Бизнисменот можеби без проблем би вложил 100.000 евра во акции на берза, во обид да го зголеми својот профит за таа година. За него, „стотчето“ најверојатно е само мал дел од вкупното богатство кое го поседува. Истовремено, младиот брачен пар, кој секој месец се бори со отплата на ратата за новиот стан, не може да си игра со своите заштеди. Без оглед на потенцијалот за добивка од поризичното вложување, тоа едноставно не е соодветно за нив.

Во правилата на игра со парите, постои едно општоприфатено правило кое вели дека колку е пократко времето што го имате на располагање, толку поконзервативни треба да бидете при вложувањето.  За илустрација, ако вложувате за повисока пензија и се наоѓате во Вашите „доцни дваесетти“ години, имате повеќе од доволно време да ја надополните секоја потенцијална загуба. Дополнително, доколку сте започнале да вложувате додека сеуште сте млади, нема потреба да тргате настрана голем дел од Вашата плата, затоа што моќта на каматно-каматниот ефект работи за Вас низ времето.

Oд друга страна, доколку Ви се наближуваат пензионерските денови, многу е важно да ја задржите вредноста на заштедата што сте ја акумулирале низ годините, односно да ја зголемувате по малку, но сигурно. Бидејќи наскоро ќе почнете да ги повлекувате тие средства, сигурно не би сакале да ризикувате загуба на дел од заштедата поради крах на берзите токму во моментот кога парите Ви се најпотребни.

Карактерни црти

Каков е твојот животен стил? Љубител ли си на брзи автомобили и екстремни спортови? Те возбудува ли ризикот  или пак преферираш да си читаш некоја добра книга, уживајќи во спокојството и безбедноста кои ги нуди твојот топол дом?

Питер Линч, еден од најголемите инвеститори на сите времиња, има кажано дека “клучен орган при вложувањето е стомакот, а не мозокот”. Со други зборови, треба да сте свесни колкаво намалување во вредноста на вложените средства сте подготвени да прифатите. Утврдувањето на личниот степен на толеранција кон ризикот е тешко да се постигне прку некој научен метод. Затоа, попрактично би било одговорот да го побарате во старата ивестициска пословица, која вели: “Ќе сфатиш дека си презел преголем ризик, доколку ноќе немирно спиеш, поради грижата за вредноста на вложените пари”.

Друга карактерна особина, која влијае врз изборот на Вашиот стил на вложување е интересот за анализа на потенцијалните инвестиции. За некои луѓе „копањето по финансиски извештаи“ и играта со бројките претставуваат вистинска возбуда. За други пак, читањето на биланси на успех, биланси на состојба и анализи за вреднувањата на поединечните акции е забавно колку и требењето на зрна ориз. Најголемиот дел од луѓето воопшто и немаат време навлезат подлабоко во суштината на објавените проспекти и финансиските извештаи.

Резиме: Толеранција кон ризикот

Од досега кажаното, веројатно Ви е веќе јасно дека главниот елемент кој одредува што најдобро за еден инвеститор е неговиот капацитет за преземање на ризик.
Веќе споменавме неколку клучни фактори кои ја одредуваат толеранцијата кон ризикот, но важно е да се запомни дека секој поединец си има своја специфична ситуација, па поради тоа наведеното дотука не претставува сеопфатна листа на карактеристики по кои инвеститорите се разликуваат еден од друг. Она што е битно да се запомни од овој дел е дека за различни луѓе постои различна понуда на вложувачки производи. Имајте го тоа наум при читањето на следните поглавја од оваа наша  рубрика.


Превземено: КД Фондови

Што е тоа вложување?


 
Вложување; Англиски: Investing - Чинот на пласирање на капиталот во некој бизнис, со очекување да се постигне дополнителна заработка или профит.
 
Ова всушност е прилично едноставен концепт: Вложувањето означува ангажирање на Вашите пари на начин кој ќе овозможи тие да работат за Вас. Во основа, тоа е еден поинаков начин на размислување како да се заработат пари. Додека растевме, мнозинството од нас бевме воспитувани дека единствен начин за заработка на пари е вработувањето и добивањето на плата за извршената работа. За волја на вистината, речиси сите го следиме овој пример. Но, тука постои еден голем проблем: доколку сакаме да заработиме повеќе пари, треба да работиме повеќе часови. Покрај тоа, лимитирани сме во однос на бројот на часови кои можеме да ги изработиме во текот на еден работен ден, а да не споменуваме дека и поседувањето на купишта пари не би било многу забавно, доколку немаме слободно време за да уживаме во нив.

Да се клонираме самите себе, со цел да изработиме повеќе работни часови е сеуште невозможно, па оттаму, попаметно би било да ги пуштиме парите да поработат малку наместо да спијат во паричникот или на банкарската сметка. И така, додека си ги изработувате задолжителните работни часови, спиете, си читате вести или пак се дружите со пријателите, можете да си заработувате пари и од друго место. Многу е просто - доколку ги натерате парите да поработат за Вас, ќе си ги зголемите шансите за дополнителна заработка, без разлика дали во меѓувреме ќе добиете покачување на платата, ќе работите прекувремено или ќе си барате нова, подобро платена работа.

Постојат повеќе различни начини да се направи вложување. Тука, од многуте опции, како најдостапни би можеле да ги издвоиме купувањето на акции, обврзници или удели од инвестициски фонд, стекнувањето на недвижен имот, или пак, започнувањето на сопствен бизнис. Понекогаш, овие постоечки можности помеѓу стручната фела се нарекуваат “инвестициски алатки”, што е само уште еден поинаков израз за “начини на вложување”. Секоја од понудените алатки си има свои позитивни и негативни страни, за коишто ќе дискутираме подоцна во оваа рубрика. Најбитно од сѐ е да запомниме дека без разлика на избраниот начин на вложување, поентата е парите да се стават во функција на заработка на дополнителни пари. Иако се чини едноставно на прв поглед, сепак тоа е најважниот концепт кој треба да се разбере.

Што не е вложувањето?

Вложувањето не е обложување. Обложувањето претставува ризикување на одредена сума пари, со надеж да се заработи поголема. Ризикот е да се загуби целата сума, доколку не се исполнат условите за добивка. Ваквиот ризик не е карактеристичен за осмисленото вложување.

Прав инвеститор никогаш не би ги расфрлал своите пари. Тој носи одлука за вложување на основа на темелни анализи и консултации и со разумни очекувања во однос на потенцијалната заработка. Да, точно е дека гаранција нема за ништо и ризикот секогаш постои, но вложувањето е многу повеќе од просто надевање дека среќата овој пат нема да ни го сврти грбот.

Зошто би се заморувале со вложување воопшто?

Неспорен факт е дека сите сакаме повеќе пари. Прилично е лесно да се разбере доколку луѓето би вложувале за да креираат заштеда со која би си ги дозволиле нештата кои ги посакуваат или за да се чувствуваат посигурни во однос на иднината.

Меѓутоа, вложувањето сѐ повеќе станува потреба, а не личен избор. Времињата кога вработените го минуваа целиот работен век во една фирма или институција, а потоа примаа пензија која им овозможуваше достоинствен живот, одамна си заминаа. За сите кои денес работиме и ги заработуваме приходите на месечно ниво, постепеното и редовно вложување е можеби единствениот начин да го задржиме нивото на животниот стандард и по пензионирањето.

Без разлика дали живеете во САД, Германија или Македонија, кога е во прашање планирањето на пензијата, топката се префрла од државата кон поединецот. Актуелни се бројни дебати околу тоа дали постоечкиот пензиски систем е одржлив и ќе може да исплаќа пензии после 20, 30 или 50 години. Кога веќе упатените во проблематиката отворено предупредуваат, зошто ние да седиме со скрстени раце и да чекаме што ќе ни се случи? Со добра подготовка и навремено планирање, благосостојбата во пензионерските денови е реално достижна.

Сега, кога добивте генерална претстава за тоа што претставува вложувањето и зошто треба да го практикувате, време е да научите како истото ќе Ви помогне како да извлечете корист од едно од чудата на математиката – Каматно-каматниот ефект.

Превземено: КД Фондови

ДРАМА ВО „ОХРИДСКА“: Акционери обвинуваат дека банката се задолжува кај „Сосиете Женерал“ со лихварски камати!

Станува збор за субординиран кредит земен од француската банкарска групација „Сосиете Женерал“ која воедно е и најголем акционер во Охридска банка. Мал акционер на собранието во април отворено ги прашал менаџерите на банката да одговорат зошто земале кредит со лихварска камата од 13,45 отсто, а не се обиделе потребните пари да ги набават преку јавен повик за докапитализација на банката. Менаџерите не одговориле зошто не се обиделе да соберат пари преку јавен повик, пишува во нотарскиот акт од Собранието објавен на сајтот на нашата берза

Мали акционери во април годинава на редовно акционерско собрание на Охридска банка барале одговори од членовите на управниот одбор зошто  банката земала кредит од 8 милиони евра со каматна стапка од 13,45 отсто за која акционерот оценил дека е лихварска камата! Воедно акционерот ги прашал менаџерите Мито Ѓорески и Петар Теговски зошто не е направен обид да се дојде до тие средства преку јавен повик за докапитализација на банката и дали Управниот одбор бара начин да се прекине таквиот договор? Одговор на прашањето зошто не е направен јавен повик за докапитализација, според нотарскиот акт, менаџерите Ѓорески и Теговски не дале, но објасниле дека кредитот бил земен за усогласување со законската регулатива во делот на адекватност на капиталот согласно стратегијата на банката во која е предвиден подинамичен пораст на комерцијалните активности.

Според Теговски и Ѓорески каматната стапка била во согласност со пазарните услови во земјава и на меѓународниот пазар на капитал во моментот на земање на кредитот имајќи ги предвид и рокот и неговата намена. Менаџерите објасниле дека тоа се средства кои се вклучувале во пресметките на сопствени средства на банката за покривање на ризици согласно регулативата. Менаџерите одговориле и дека ја разгледувале и можноста за измена на условите, но дека имајќи го предвид рокот, трошоците за раскинување се моѓне високи и значително би го оптовариле тековниот резултат, пишува во извештајот.

Во нотарскиот запис пишува дека по прашањето од акционерот се придружиле и други акционери присутни на априлското собрание кои прашале зошто е земен ваков кредит со услови под кои ниту една друга банка се нема задолжено.

Во контекст на ова мора да се истакне дека Охридска банка на 18. август годинава (неполни 4 месеци по одржаното акционерско собрание) преку Македонската берза за хартии од вредност ја извести јавноста дека сепак се изменети условите со субординираниот кредит од 8 милиони евра со кој Охридска банка се задолжила кај најголемиот акционер „Сосиете Женерал“. Со, како што пишува во соопштението, „со амандманот кон договорот“ е сменет рокот на користење на кредитот од 8 на 13 години почнувајќи од денот на користење на кредитот како и каматната стапка која согласно со измената ќе изнесува 7,85 отсто до 30.9.2019 година, а од наредниот ден до денот на доспевање ќе изнесува 5,11 отсто.

Вработени проневериле 220.000 евра од трезорот на „Охридска банка“

Од нотарскиот акт од акционерското собрание може да се прочита дека акционер ги прашал менаџерите дали некој одговарал за проневерувањето на 250.000 евра од трезорот на банката во 2014 година? На прашањето на акционерот одговорил Петар Теговски, членот на управниот одбор, кој рекол дека во тек на 2014 година е извршена измама со која банката е оштетена за 220.000 евра од лица вработени во банката и дека управниот одбор ги превзел сите потребни мерки во врска со тој настан, дека е поднесена пријава за надоместување на штетата и дека одговорните лица се разрешени или суспендирани.

Целиот нотарски акт од текот на Собранието на акционери на Охридска банка може да го прочитате на следниов линк http://www.seinet.com.mk/Default.aspx?lang=MK&docID=37613 Фактор.мк веќе пишуваше за субординираниот заем на оваа банка, а повеќе можете да прочитате на следниов линк ОХРИДСКА БАНКА значајно ги зголеми вложувањата во државни хартии од вредност!

Охридска банка е во доминантна сопственост на „Сосиете Женерал„ француска банкарска групација која поседува 70 отсто од акциите. Околу 8,3 отсто од акциите се во сопственост на 456 домашни физички лица, а околу 16,5 отсто од капиталот го поседуваат вкупно 110 домашни правни лица, а уште 13 странски правни лица поседуваат 4,4 отсто од акциите со право на глас.

Животно осигурување плус инвестирање на светските берзи

 

Нов производ на македонскиот пазар: Винер лајф и ВФП Фонд менаџмент нудат за корисникот на оваа полиса да биде животно осигурен, а истовремено да стане и инвеститор во акции на најголемите светски компании.

Осигурителната куќа Винер лајф во партнерство со инвестицискиот фонд ВФП Фонд менаџмент лансираа нов производ, Лајф инвест, кој што претставува спојување на животното осигурување и вложување во инвестициски фонд. Тоа значи дека парите што имателите на овој тип полиса за животно осигурување ќе ги уплаќаат во Винер лајф, фондот ВФП ќе ги инвестира во акции на компании што котираат на берзите во САД, Германија, Швајцарија и останатите развиени пазари.

“Овој е еден од поатрактивните осигурителни производи што на странските пазари веќе подолго време е присутен, а предноста за физичките лица е што на овој начин може да вложат во акциите на најголемите светски компании и на тој начин да бидат во добивка што може да е значајно поголема од онаа остварена од штедење во банка, на пример“, изјави Дарко Дедиќ, претседател на УО на Винер Лајф.

Дирекорот на ВФП Фонд менаџмент, Петар Андреевски, истакна дека овој производ по својата софистицираност е еднаков на финансиските продукти што им се нудат на најбогатите луѓе во западните земји, со тоа што во Македонија може да станете инвеститор во светските компании, само со животна полиса од неколку стотини евра.

Пораст во функционирање на осигурителниот сектор



Пораст во сите сегменти на функционирање на осигурителниот сектор е остварен во првата половина од 2015 година. Позитивен тренд има и во осигурувањето на живот и во неживотно осигурување, соопшти Агенцијата за супервизија на осигурување.
 
Тоа, според претседателот на Агенцијата Климе Попоски, укажува дека постои висок степен на стабилност на осигурителниот сектор што претставува гаранција дека друштвата за осигурување имаат доволни финансиски средства да ги сервисираат преземените обврски во делот на исплата на штети.

Зоран Стојаноски, член на Агенцијата за супервизија на осигурување на денешната прес-конференција информира дека до крајот на јуни остварена била бруто полисирана премија (БПП) во износ од 4,31 милијарди денари или пораст на приходите од 8,36 отсто во однос на истиот период лани.
– Во делот на осигурување на живот, продолжува двоцифрената стапка на пораст на приходите за 19,96 проценти, при што остварената БПП изнесува 461,66 милиони денари. Во истиот период минатата година изнесуваше 384,84 милиони денари. Оваа висока стапка на пораст на осигурувањето на живот е една од највисоките стапки на пораст споредено со сите земји во Европа, рече Стојаноски.

Во делот за неживотно осигурување остварена е БПП од 3,85 милијарди денари, односно пораст на приходите од 7,11 отсто во споредба со првите шест месеци од 2014 година.
– Овој висок пораст во делот на неживотното осигурување се должи пред се на порастот на осигурувањето на имот од 19,50 отсто со БПП 1,14 милијарди денари, осигурувањето од незгода од 6,36 проценти со БПП 350,27 милиони денари и осигурувањето од туристичка помош од 12,18 проценти со БПП 86,81 милиони денари, истакна Стојаноски.
Според него, влијание има и порастот во делот на автоодговорност и тоа 3,91 процент со БПП 1,69 милијарди денари.

Во делот на осигурувањето на сопствени моторни возила, односно каско осигурување првпат по пет години опаѓање, се забележува мал пораст од 0,44 отсто или 348,58 милиони денари. Годинава се забележува пораст од 60,87 отсто на остварената БПП за земјоделско осигурување која изнесува 169,01 милиони денари, а истиот период лани беше 105,06 милиони денари, додаде Стојаноски.

Друштвата за осигурување во првата половина од 2015 година исплатиле бруто-износ на штети од 1,58 милијарди денари. Бруто исплатените штети бележат пораст од 12,79 проценти во споредба со првата половина од 2014 година, кога биле исплатени 1,40 милиони денари.

Агенцијата за супервизија на осигурување очекува дека порастот на БПП ќе се задржи до крајот на 2015 година во двата сегменти на неживотно осигурување и во делот на осигурувањето на живот.
– Стабилноста ќе се одржува на високо ниво, при што друштвата за осигурување ќе бележат позитивни финансиски резултати. Во сегментот на осигурување на живот очекуваме дека ќе продолжи динамичкиот двоцифрен раст и во 2015 година. Со поактивното вклучување на банките како алтернативен канал за дистрибуција на овие продукти и нивно поврзување со банкарските продукти претставува еден од предизвиците за развој на осигурувањето на живот, истакна претседателот на Агенцијата Попоски.

На пазарот на осигурување, според него, постојат три банки кои делуваат како застапник во осигурување. Најави дека во делот на осигурување на живот се воведува нов продукт, меѓународно познат како јунит линк осигурување, односно осигурување на живот кога инвестициониот ризик е на товар на осигуреникот. Значаен фактор за долгорочната перспектива за развојот на осигурувањето на живот, смета дека претставува монетарната и фискалната стабилност на државата, но и се поголемиот степен на финансиска едукација на граѓаните.

Во сегментот на неживотно осигурување силно влијание на страната на побарувачката имаат странските директни инвестиции и отворањето нови фабрики, како и големите инфраструктурни проекти во делот на изградба на автопати кои ќе ја зголемат продажбата на имотно, менаџерско и колективно осигурување од незгода, осигурување од прекин на работниот процес, одговорност спрема трети лица, дополнително здравствено осигурување на вработените, транспортно осигурување. Земјоделското осигурување ќе има силен раст, а очекуваме дека доброволното здравствено осигурување ќе добива во интензитет, рече Попоски.

На пазарот на осигурување во Македонија активно работат 15 друштва за осигурување, од кои 11 вршат работи на неживотно осигурување, а четири осигурување на живот. На пазарот на осигурување делуваат и 30 осигурително брокерски друштва, 11 друштва за застапување, три деловни банки кои делуваат како застапници во осигурување, 412 лиценцирани брокери и 950 лиценцирани застапници во осигурување.

Европските осигурувачи управуваат со 9.900 милијарди евра!


Европските осигурителни компании имаат удел од 35 отсто од глобалниот пазар, по што следат компаниите од Северна Америка со 29 проценти и Азија со 28 отсто.

Имотот под управување на европските осигурителни компании, скокна во 2014 година за 9,4 отсто на 9.900 милијарди евра, пред сè, благодарение на скокот на сегментот за животни осигурувања, објави Европската асоцијација на осигурениците Insurance Europe.

Вкупната бруто премија на европските осигурителни компании, минатата година се зголемила за 3,7 отсто, на 1.200 милијарди евра, при што најизразен раст на премиите е забележан во премиум сегментот на животно осигурување, пренесува хрватскиот портал Osiguranje.hr.

Ниските каматни стапки во развиените економии им го отежнаа повратот од инвестициите на европските осигурувачи, што им е потребен за подмирување на пензиските исплати, потесетува агенцијата Ројтерс.

 

Pratete ne na Facebook!